EU Info
Општество

Предлог-измените за регулација на пазарите за струја главна тема на средбата на министрите за енергија на ЕУ

Измените на правилата за регулирање на пазарите на електрична енергија во ЕУ, што ги предложи Европска комисија, ќе бидат главна тема на денешната средба на министрите на членките на Унијата задолжени за енергетскиот сектор, што се одржува во Луксембург.

Еврокомисијата во март годинава предложи измени на правилата на енергетските пазари со кои се овозможува постигнување договори за фиксни цени за набавка на електрична енергија и државна помош за финансирање на енергетски проекти. Ваквиот предлог уследи откако ЕУ се соочи со драстично поскапување на струјата како последица на руската инвазија врз Украина и санкциите на Унијата кон Русија.

Меѓутоа, Германија стравува дека измените ќе и овозможат на Франција да нуди такви договори за продажба на струја од нејзините бројни нуклеарни централи и потоа да го користи вишокот на приходи за субвенционирање на енергетскиот сектор.

Германија, која е на работ на рецесија и очекува годината да ја заврши со пад на економијата од 0,4 отсто, беше тешко погодена поради санкциите кон Русија, кои и го ограничија пристапот до евтиниот руски гас, што се одрази врз нејзиното индустриско производство кое продолжува да се намалува.

Спорот меѓу Берлин и Париз, предизвика поделба меѓу членките на ЕУ. Додека земјите од централна и источна Европа кои и самите имаат амбиции за сопствена нуклеарна експанзија ја поддржуваат Франција, зад Германија застанаа Белгија, Данска, Луксембург и Австрија.

Разликите за ова прашање беа тема и на минатонеделната средба на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, која не даде видливи резултати за надминување на несогласувањата.

Во обид да се дојде до компромис, Шпанија во својство на актуелен претседавач на ЕУ, предложи измени на предлогот со кои би се овозможила државна поддршка на инвестиции во нови постројки за производство на електрична енергија, што не ги опфаќа постоечките француски нуклеарни централи.

Поврзани објави

Полските земјоделци ја продолжија блокадата на три пункта на границата со Украина

EUinfo

Во земјината орбита успешно лансиран европскиот сателит „Коперникус Сентинел 2-Ц“

EUinfo

Потребен е инклузивен процес при планирањето и спроведувањето на претпристапните фондови

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info