Во законодавниот дом денеска се одржува Конференција за меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и Собранието на Република Северна Македонија.

Регионалниот настан има за цел да им обезбеди на парламентарците од Регионот широка платформа за соработка и дијалог за предизвиците со кои се соочуваат и добрите практики кон европска интеграција.
Настанот, во улога на модератор, го отвори Јоргос Папандреу, известител на Парламентарното собрание за „Поддршката на европската перспектива за Западен Балкан“. Тој се осврна на актуелните страшни настани кои се случуваат во Израел, Украина, Азербејџан, Ерменија, Средниот Исток, настани кои претставуваат знак за будење, за создавање посилна Европа.
На воведната сесија, свои обраќања имаа: Талат Џафери, претседател на Собранието; Тини Кокс, претседател на ПССЕ; Бојан Маричиќ, заменик-премиер за европски прашања; Золт Немет, претседател на Комитетот за политички прашања и демократија на ПССЕ.
Претседателот Џафери ги поздрави напорите и повикот на ПССЕ, во рамките на стратешкото партнерство со ЕУ, да се зајакне меѓусебниот политички дијалог за забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите на Западен Балкан.
„Собранието е клучната институција за демократизација на општеството и сите активности во себе ја содржат и парламентарната димензија. Преку неа се изразува волјата на граѓаните и се врши надзор и контрола на извршната власт на внатрешен и надворешен план. Работиме посветено на усогласувањето со европското законодавство во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото за исполнување на стремежот на граѓаните за интеграција во Европската Унија. На овој наш пат, Советот на Европа е наш драгоцен партнер и силна поддршка“, истакна Џафери.
Кокс потсети дека се поминати две децении од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун на кој Унијата ја повтори својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на овој Регион, но сиот овој период доведе европската визија да го изгуби својот сјај, иако ПССЕ ја поддржува евроинтеграцијата и поттикува да се решат предизвиците. Западен Балкан формира еден регион, но има свои национални истории, рече Кокс. Сепак, продолжи тој, позитивниот патриотизам треба да поттикне солидарност и поддршка на другиот, да ги поддржи минатото и сегашноста, да обедини, затоа што независносна и меѓузависноста одат рака под рака. Историјата е веќе напишана, а иднината треба да се напише. „Иднината е ваша, иднината е наша!“ – подвлече Кокс.
Заменик-премиерот Маричиќ истакна дека поинтензивната соработка со ПССЕ е со цел промоција на заедничките интереси и приоритети за да стигнеме до домот каде што природно припаѓаме, а ЕУ нуди конкретен план за реално членство до 2030 година. Европската интеграција не е само опција за Западен Балкан, туку единствена алтернатива. Во интерес на граѓаните е просперитетен и интегриран регион во ЕУ, должни сме да бидеме дел од оваа успешна приказна – заклучи Маричиќ.
Немет, пак, информира дека во јануари ќе се формира поткомитет за Западен Балкан, којшто може да стане движечка сила на ПССЕ за проширувањето. Според него, руската агресија врз Украина придонела да се сфати важноста од проширувањето и смета дека е потребен нов тип динамизам, нов тип менталитет, нов тип партнерство меѓу ЕУ и кандидатите за членство. Нема демократска безбедност без Западен Балкан. Процесот на проширувањето со Западен Балкан бара најмногу внимание, сега и тука! – беше дециден Немет.
На првата сесија на тема геополитички предизвик, главна говорничка беше Адриен Кирали, специјална советничка за Западен Балкан од Генералниот директорат за проширување и соседство на Европската комисија. Таа потсети дека темелите на ЕУ се владеењето на правото и основните човекови права. После 30 години од копенхашките критериуми, 20 години од Солунскиот самит и 10 години од последното проширување со Хрватска, ризикот од непроширување на Унијата ќе значи несподелување на европските вредности и тоа е опасно сценарио, пропуштена можност за обединета Европа. Во таа насока, Кирали порача кандидатите за членство да сторат сѐ за исполнување на реформите со цел отворање на преговорачкиот процес што поскоро.
Во Панел-дискусијата учествуваа: Етјен Џафај од Собранието на Албанија; Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија; Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика; Марина Рагуш, потпретседателка на Комисијата за надворешни работи на Народното собрание на Србија; Арбрешa Крујезиу, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на Собранието на Косово и Лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан.
Џафај информира дека Албанија е проевропски ориентирана и во таа насока има голема поддршка од граѓаните. На тој пат, напредокот е нешто што сите влади треба да го испорачаат, а решенијата треба да бидат она што ќе нѐ води. Тој апелира да не се пропушти моментот за добробит на нашите земји и Европа.
Од друга страна, Адеми укажа на загрижувачкиот пад на јавната поддршка во нашата земја, што покренува аларм за сеопфатна и итна реакција, затоа што тој пад носи раст на националистички изјави и надворешни влијанија. Тој побара отворен дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство. За Советот на Европа рече дека не е само чувар на своите членки, туку и водилка за другите, инструмент кој нѐ водеше и придонесе кон имплементација на клучните реформи.
Во оваа насока, загриженост покажа и Милошоски, кој рече дека намалувањето на поддршката и довербата во ЕУ е поради неиспорачаните ветувања. И тој побара искреност од ЕУ со земјите од Регионот во врска со проширувањето, велејќи дека има охрабрувања, но и сомнежи дали има севкупен консензус за проширување со полноправно членство.
Рагуш истакна дека одговорност за тоа што Западен Балкан сѐ уште не е дел од европското семејство, сносат и земјите од овој Регион, но и самите европски институции и политики. Таа се осврна на Договорот Белград – Приштина, и, како што рече, неисполнувањето на обврските од истиот од страна на Приштина. Согледувајќи ја целокупната ситуација, изрази мислење дека Западен Балкан ќе се соочи со огромни предизвици да се зачува мирот што е најголем приоритет, да се сузбие радикализмот и токму затоа евроинтеграцијата на овој Регион ќе значи подобра иднина, просперитет и издржливост.
Од друга страна, Крујезиу истакна дека Косово недвосмислено е за Европа без граници со заеднички вредности – мир, стабилност и просперитет. Во однос на Дијалогот со Србија, рече дека е важен за мирот и стабилноста, но за жал се изгубил по нападот во Бањска. Балансираноста е важна за овој Дијалог, но Србија одбива признавање на Косово и територијалниот интегритет.
Во својот говор, специјалниот претставник на ОК, Лорд Стјуарт Пич, во овие тешки моминти за Стариот континент, упати апел да се испорача општествено-економски развој за идните генерации. Меѓу другото, упати загриженост во однос на медиумите во Регионов, кои премногу се фокусираат на минатото, со реторика која личи на говор на омраза. Во тој контекст потенцира да се заштитат фундаменталните вредности на Советот на Европа.
Во попладневниот дел од Конференцијата за меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европскaта интеграција на Западен Балкан, се одржаа втората и третата сесија.
Втората сесија беше посветена на „јавното мислење“, при што беше потенцирано дека е потребна континуирана работа за членството во ЕУ. Во третата сесија говорниците се осврнаа на „меѓународната соработка“, особено со Советот на Европа и ЕУ. Беше истакнато дека е неопходна суштинска поддршка за европската перспектива на регионот.
Европската Унија и земјите кандидати треба да дадат непоколеблива поддршка за интеграцијата на Западен Балкан, порача Мајлинда Брегу, генерален секретар на Советот за регионална соработка. Брегу, која беше главен говорник на втората сесија од Конференцијата, потсети дека Европската Унија не е само економски сојуз, туку и заедница на вредности, и граѓаните треба да знааат што значи процесот на интеграција.
Треба да работиме повеќе и подобро за на јавноста да ѝ стане јасно што значи интеграцијата во ЕУ и за пристапувањето да се постигне консензус, а за тоа неопходно е политичките партии да соработуваат и да дадат заеднички унифициран пристап кога станува збор за пристапувањето во ЕУ, рече Брегу на сесијата посветена за јавното мислење.
Питер Хурелбринк, директор на Фондацијата Фридрих Еберт за Северна Македонија и Косово на конференцијата порача дека сите земји од Западен Балкан треба да движат во правец да се возобнови позитивното мислење за евроинтеграциите.
Јас верувам дека европозитивните мислења може да се возобноват и сите треба да се движиме во тој правец. Мора да имаме едноставни инструкции за да и помогнеме на секоја земја во евроинтеграциите, а најважно е да покажеме дека ќе обезбедиме владеење на правото, рече Хурелбринк пред присутните.
На втората сесија од Конференцијата посветена на јавното мислење, се обратија и новинарот Александар Брезар, уредник во Еуроњуз вју, Недељка Ивошевиќ, член на Бирото на Советодавен одбор за млади при Советот на Европа, како и Ерјон Тасе, извршен директор на Академијата за политички студии во Тирана. Учесниците на Конференцијата се согласија дека ова е вистински момент за интеграција на земјите од Западен Балкан.
Модераторот на третата сесија, Александар Николовски, кој е претседател на Националниот совет за евроинтеграции и член на Делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ, рече дека е потребно интензивирање на политичкиот дијалог и забрзување на европската перспектива на Западен Балкан.
„Посилната соработка ќе овозможи подобро искористување на сите можности кои ги дава Советот на Европа, кој има сериозна експертиза, пред сè во владеење на правото, демократијата и човековите права“, рече Николовски.
Шефот на делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амасадорот Дејвид Гир, порача дека ова е суштински момент за проширување на ЕУ.
„Секој што ги следи дискусиите и случувањата во ЕУ, не би можел да го испушти чувството на нова итност, динамика и движечка сила, за прашањето на проширувањето. Сега на проширувањето се гледа како ЕУ да се направи посилна. Секако сите страни имаат задачи. Земјите што сакаат да станат членки, за да ги уживаат придобивките, треба да си ја завршат работата и да ги спроведат реформите неопходни за членство во ЕУ. Реформите, владеење на правото, во јавната администрација и почитување на човековите права, се од суштинско значење. Во областа ‘владеење на правото’ не смее да има компромис. И ЕУ треба да спроведе внатрешни реформи за кои има различни идеи. Ние паралелно работиме и на реформите и на проширувањето“, рече Гир.
Шефот на Канцеларијата за европски односи, Банка за развој на Советот на Европа, Витомир Рагуз, порача дека за нив не е важен профитот, туку како подобро и побрзо да се заокружи целот процес на пристапување кон ЕУ.
„Нашата улога во земјава е техничко и финансиско мониторирање врз реализација на проектите. Така им помагаме на земјите во развој, бидејќи им овозможуваме услови да станат интересни за инвестиции од страна на приватниот сектор“, рече Рагуз.
Според Елвира Ковач, заменик-член на Комитеот на ПССЕ за политички прашања и демократија, Советот и ЕУ имаат должност активно да ги поддржат земјите од Западен Балкан.
„Времето кое измина, беше без значајни промени, и затоа го поттикна евроскептицизмот. Политиката наречена ‘измореност од проширувањето’, објави добри вести – дека сега е добро време, краторите на политиката во Брисел да започнат со реформа на политиката на проширување на ЕУ. Неповолните трендови за примање нови членки на ЕУ сега, завршија“, рече Ковач.
Според претседателот на Делегацијата на Собранието на Северна Македонија во ПССЕ, Дарко Каевски, иако анкетите укажуваат на зголемен песимизам кон пристапувањето кон ЕУ, кој е поизразен кај младите во Регионот, не смее да се испушти неповторливата можност за полноправно членство во ЕУ.
„Не постои друга подобра алтернатива од ЕУ, ниту постои подобро време од сега. Најсилен доказ за тоа е загрижувачкиот раст на етнонационализмот, од кој нашиот Регион сè уште ги лечи раните и сè уште се свежи спомените за разузнуачката моќ на насилството кое се раѓа од националистичките политики. Целта е јасна, Западен Балкан припаѓа на ЕУ“, рече Каевски.
Според Каевски, посветеност кон ЕУ интеграција на Западен Балкан претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и демократската безбедност за целиот европски континент.