Новоформираната холандска популистичка партија Нов социјален договор (НСЦ), која води на најновите анкетите на јавното мислење пред претстојните парламентарни избори во Холандија следниот месец, соопшти дека ќе се спротивстави на обидите за понатамошната поголема интеграција во ЕУ, притоа најавувајќи дека ќе бара преговори со кои земјата би не би била обврзана да спроведува некои од политиките на Унијата.
– Ние не се залагаме за „уште позајакната Унија“. Ние се залагаме за цврста позиција на Холандија во Европа – конструктивна, но реална, без тајно прифаќање на обврски, овластувања и буџети кои го нагризуваат националниот суверенитет, се наведува во Изборниот манифест на НСЦ, објавен синоќа на собир на партијата.
Партијата е против зголемување на долгорочниот буџет на Унијата, како што се предлага со Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ и е за поголем национален суверенитет во врска со финансиските прашања.
Според НСЦ, мерките и активностите на ЕУ треба да се преземат само доколку се поефикасни од националните, регионалните или локалните.
Партијата, исто така, најавува дека ќе се залага за воведување „правен механизам“ со кој Владата во Хаг би била „обврзана“ да го почитува мислењето на холандскиот Парламент при гласањето за законските предлози на ниво на ЕУ, обвинувајќи дека досегашните влади често ги игнорирале ставовите на домашните пратениците за одредени прашања.
НСЦ ветува и дека ако има такви законски предлози на Унијата кои имаат „недоволна поддршка“ во Холандија или носат „прекумерни трошоци“ ќе работи на формирање „блокирачко малцинство со истомислениците во ЕУ“ со цел да го оневозможи или забави нивното усвојување.
Партијата поддржува зголемување на трошоците за одбраната на два отсто од националниот БДП согласно одлуките на НАТО, но е против создавање „заедничка европска армија“. НСЦ ги поддржува воената, економската и хуманитарната помош за Украина, но смета дека земјата треба да се приклучи на НАТО „во подоцнежна фаза“, додека во однос на нејзиното членство во ЕУ смета дека процесот на прием „ќе потрае многу години“, нагласувајќи ја неопходноста од спроведување на Копенхашките критериуми.
НСЦ ја формира холандскиот пратеник Питер Омцигт, откако во август годинава ја напушти партија Христијанско демократски повик (ЦДА).
Според последните анкети на јавното мислење, на изборите на 21 ноември НСЦ би освоила 28 пратеници, пред либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на премиерот Марк Руте со 26 и коалицијата на Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) предводена од поранешниот еврокомесар за климатска акција Франс Тимерманс со 24 мандати. Натаму следат две десничарски партии – националистичката Партија на слободата (ПВВ) со 20 и популистчкото Движење Земјоделци-граѓани (БББ) со 11 пратеници. Во идниот холандски Парламент би влегле уште околу 10 партии, предводени од либералната Демократи 66 (Д66) со седум пратеници и ЦДА и десничарскиот националистички Форум за демократија (ФВД) со по пет мандати.