Министрите за внатрешни работи и за правда на Шпанија, Фернандо Гранде-Марласка Гомез и Мариа Пилар Лоп Куенка, кои го претставуваат Претседателството со Советот на Европската унија, заедно со Европската комисија, претставена од европските комесари за внатрешни работи и за правда, Илва Јохансон и Дидие Рејндерс се сретнаа на 26-27 октомври 2023 година во Скопје со нивните колеги од Западен Балкан на годишниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи. На средбата присуствуваа и претставници на претстојното белгиско и унгарско претседателство со Советот на ЕУ.
Во областа на контратероризам и спречување и спротивста-вување на насилен екстремизам претставниците од ЕУ и од Западен Балкан ги поздравија постигнатите резултати во текот на петте години од спроведувањето на Заедничкиот акционен план за борба против тероризмот за Западен Балкан, кој овозможи зајакнато партнерство во суштинска област за безбедноста на Европа. Тие ја потврдија својата решеност да се искорени трговијата и ширењето на мало и лесно оружје и потсетија на договорот постигнат во мај 2023 година за продолжување на Патоказот за сеопфатна контрола на малото и лесното оружје на Западен Балкан по 2024 година.
Во насока на спротивставување на влијанието на дрогата врз нашите општества двете страни се согласија за дополнително зголемување на полициската соработка, вклучително и преку Европол и во рамките на Европска-та мултидисциплинарна платформа против криминални закани (EMPACT). Претставниците од Западен Балкан ја препознаа потребата за брзо воспоставување и операционализирање на Националните опсерватории за дроги и националните системи за рано предупредување, со ефективно користење на постоечките алатки како што е Инструментот за претпристапна помош. Двете страни ја споделија потребата од зајакнување на соработката со Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA, идната Агенција за дроги на ЕУ).
Во областа на зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите партнерите од ЕУ и од Западен Балкан го признаа напредокот постигнат во имплементацијата на Акциониот план на ЕУ за Западен Балкан претставен од Комисијата во декември 2022 година. Тие го поздравија потпишувањето на новите договори за статусот на Фронтекс со Северна Македонија, Црна Гора и Албанија и ја препознаа клучната улога што дополнителното распоредување на Фронтекс може да ја има во зајакнувањето на управувањето со границите во регионот. Министрите ја истакнаа важноста од подобрување на регистрацијата на мигрантите и подобрување на системите за азил и прием низ Западен Балкан во согласност со стандардите на ЕУ.