EU Info
Политика

Почнува Годишната конференција на евроамбасадорите

Во Брисел денеска почнува петдневната Годишна конференција на амбасадорите на ЕУ што ќе се фокусира на новото глобално безбедносно опкружување на Европа во услови на актуелните геополитички предизвици и кризи, како и на главните приоритети и задачи на Унијата во следните месеци.

На конференцијата ќе присуствуваат шефовите на 145-те делегации и канцеларии и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, како и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки на Унијата.

Учесниците на Конференцијата ќе имаат можност да разговараат со лидерите на институциите на ЕУ и со други високи претставници за прашања поврзани со одговорот на Унија на случувањата и предизвиците надвор од нејзините граници, но и да ги пренесат своите сознанија од теренот.

Во пресрет на Конференцијата, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изјави дека собирот на европските амбасадори годинава се одржува во критичен момент.

– Следните месеци ќе бидат клучни за глобалниот мир и безбедност и за иднината на светот. На тест ќе биде ставен и кредибилитетот на ЕУ. Како дипломати на ЕУ, ќе работиме да го зачуваме тој кредибилитет и да ја пренесеме позитивната понуда што ЕУ ја има за нашите партнери ширум светот, нагласи Борел.

Конференцијата ќе започне со обраќање на Борел, а во текот на денешниот ден пред евроамбасадорите ќе се обратат и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, како и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Меѓу останатите говорници најавени за учество на Конференцијата на амбасадорите се и извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, извршниот потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, еврокомесарите за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен, за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Меѓународната агенција за енергетика.

Предвидено е евроамбасадорите да разменат мислења и со претставници на земјите членки на ЕУ, меѓу кои и шефот на португалската дипломатија Жоао Кравињо и генералниот секретар на австриското Министерство за надворешни работи, Николаус Маршик, како и со генералните секретари на Европскиот парламент, Европската комисија и на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ.

Во рамките на Конференцијата се предвидени повеќе сесии на актуелни теми, меѓу кои и за надворешната политика на ЕУ во новата геополитичка ера, за иднината на безбедноста и одбраната на Унијата, за проширувањето на блокот, програмата „Глобална порта“, подемот на Кина, предизвиците поврзани со климатските промени и зелената транзиција, за родово одговорна надворешна политика, европската дигитална транзиција, меѓународните културни односи, како и за изборите за Европскиот парламент.

Поврзани објави

Нема француско-германски судир, тврди шефот на француската дипломатија

EUinfo

Холандија ќе прогласи вонредна состојба поради пристигнувањето на барателите на азил

EUinfo

ЕУ почна да ги истражува Мета и ТикТок поради содржини поврзани со Хамас

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info