Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска се вклучи во дискусијата за илегалната миграција во Германија, велејќи дека е неопходно да се намали бројот на бегалци.
„Во моментов бројот на бегалци кои доаѓаат во Германија е превисок“, рече Шолц во интервју за медиумската куќа РНД. Тој смета дека е неприфатливо мнозинството бегалци да доаѓаат во Германија без претходно да бидат регистрирани во некоја од земјите на Европската унија.
„Дефинитивно, ситуацијата не смее да остане како досега. Повеќе од 70 отсто од бегалците кои доаѓаат во Германија не биле претходно регистрирани, иако сите поминале низ една од земјите на ЕУ“, рече Шолц.
Од мерките што федералната влада досега ги презеде за намалување на приливот на бегалци, Шолц изјави „целосна поддршка“ за подобра безбедност на надворешните граници на ЕУ и воведување шенгенски гранични контроли кон Швајцарија и Чешка. Владата, како што рече Шолц, за безбедни земји ги прогласи и Грузија и Молдавија, од кои доаѓаат значителен број баратели на азил, што овозможува брзо враќање на граѓаните од овие земји во нивните земји на потекло.
Построг режим на гранична контрола е договорен и со Полска.
„Се надевам дека овие мерки ќе придонесат за намалување на бројот на бегалците“, рече Шолц. Тој им вети на претставниците на градовите и општините кои со месеци алармираат поради немањето капацитет за сместување на новодојдените бегалци и најави вонреден состанок на кој ќе се разговара за логистичките проблеми со сместувањето.
Шолц, и покрај разликите во мислењата во неговата коалициска влада составена од социјалдемократи, зелени и либерали, рече дека неговата влада е целосно обединета во ставот дека нерегуларната миграција во Европската унија мора да се запре.
Лидерот на опозицијата, претседателот на Христијанско-демократската унија, Фридрих Мерц, му предложи денеска на канцеларот Шолц целосна соработка за решавање на проблемот со преголемиот број бегалци. „Да седнеме по 8 октомври за брзо да го решиме овој проблем што ја мачи Германија“, рече Мерц, мислејќи на изборите во сојузните покраини Хесен и Баварија следната недела.
Во првите осум месеци над 200.000 лица поднеле барање за азил во Германија, што е зголемување за над 70 отсто во однос на истиот период лани.
Десничарската популистичка Алтернатива за Германија ги користи проблемите што се јавуваат со сместувањето и интеграцијата на бегалците, која се етаблира како втора најсилна партија во анкетите на јавното мислење на сојузно ниво и во многу сојузни покраини на истокот на земјата АфД убедливо води.