Европскиот парламент денеска усвои извештај кој се залага за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство во процесот на проширување на Европската унија.
Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување беше усвоен со 305 гласа за, 157 против и 71 воздржан и во него се наведува дека „Европските институционални реформи треба да ја зголемат способноста на ЕУ за дејствување и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, оддалечувајќи се од едногласното одлучување“.
Европратениците во извештајот посочуваат дека „гласањето со квалификувано мнозинство треба да се спроведе во области како што се заштитата на демократијата, човековите права и владеењето на правото, МФР, санкциите и другите релевантни надворешнополитички одлуки, како што е почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ, отворање и затворање на поединечни преговарачки кластери и санкционирање на неуспеси, со исклучок на одлуките со кои се овластуваат воени мисии или операции со извршен мандат“. Исто така, се додава дека е важно земјите кандидати да се усогласат со заедничката надворешна политика на ЕУ.
Украина и Молдавија добија зелено светло за почеток на пристапните преговори во декември минатата година, што е помалку од две години откако аплицираа за влез во ЕУ. Приближувањето на овие земји кон Унијата беше забрзано со руската агресија врз Украина. Во декември и Грузија доби кандидатски статус, додека Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат. ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина кога таа земја ќе ги исполни потребните критериуми, можеби веќе во март.
Црна Гора и Србија водат преговори со години, а Македонија и Албанија официјално ги отворија во јули 2022 година.