Холандската Влада потроши повеќе од 166 милиони евра за последиците по соборувањето на авионот МХ17 на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година, од репатријацијата на телата на жртвите до истрагата и кривичното гонење на тие кои учествуваа во соборувањето на авионот, се наведува во соопштение објавено денеска.
Авионот „Боингот 777“, кој летал од Амстердам до Куала Лумпур, беше соборен на 17 јули 2014 година, со помош на проектил од руско производство истрелан од територија под контрола на сепаратистите во источна Украина.
Сите 298 патници и членови на екипажот, вклучително и 196 холандски државјани, загинаа.
Во ноември 2022 година, холандскиот суд осуди двајца Руси и Украинец за вмешаност во соборувањето и ги осуди на доживотен затвор.
Ним им се судеше во отсуство и не беа приведени на издржување на казната.
Судот утврди дека проектилот и неговиот фрлач биле внесени во Украина од воена база во Русија, а потоа фрлачот бил вратен во Русија.
Судењето и меѓународната истрага што му претходеа вкупно чинеле повеќе од 87 милиони евра, според холандскиот суд на ревизори, кој ги пресметал трошоците до крајот на 2022 година.
Во вкупниот износ не се вклучени околу 16,5 милиони евра кои холандската Влада им ги плати на најблиските минатата година како аванс за компензација.