EU Info
Политика

Фон дер Лајен официјално побара од членките на ЕУ да предложат кандидати за еврокомесари

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен утрово упати барања до земјите членки на ЕУ да номинираат кандидати за еврокомесари, за што краен рок е 30 август, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.

– Секако нема да ги коментираме поединечните најави, но би ве упатила на она што претседателката го изјави минатата недела на прес-конференцијата во Стразбур каде беше многу јасна дека ќе испрати писмо во кое ќе побара од земјите членки да предложат маж и жена за кандидати и дека ќе се стреми кон еднаков број на мажи и жени во Колеџот на комесари, изјави Подеста во одговор на прашање како Фон дер Лајен планира да обезбеди полова еднаквост во Европската комисија, кога голем број земји членки најавуваат дека ќе номинираат само по еден кандидат од кои повеќето се мажи.

Запрашана што ќе преземе Фон дер Лајен ако земјите членки не го почитуваат нејзиното барање за еврокомесари да предложат по еден маж и една жена, Подеста рече дека процесот на номинации започна со денеска испратеното писмо и дека не би сакала да шпекулира со хипотетички сценарија.

Таа потсети дека исклучок од барањето за номинирање по двајца кандидати – маж и жена, ќе има само во случај доколку предложениот кандидат е актуелен еврокомесар.

На прашање која е правната основа за ваквото барање на Фон дер Лајен, Подеста одговори дека нема да навлегува во законски толкувања.

– Мислам дека претседателката беше јасна дека има за цел да има еднаков удел на мажи и жени во Колеџот на комесари и поради оваа причина таа побара да предложат по две имиња. Секако дека таа ќе разговара со нив и ќе направи избор врз основа на квалитетите на кандидатите. Не би шпекулирала за правната основа. Тоа е барање со цел да се обезбеди полова еднаквост во Колеџот и мислам дека е прилично јасно што таа бара, додаде Подеста.

Поврзани објави

Орбан: Унгарија нема да прима мигранти без разлика на одлуките на Брисел

EUinfo

Унгарскиот парламент го избра Тамаш Суљок за нов претседател на државата

EUinfo

ЕП повика на зајакнување на европската одбрана

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info