EU Info
Општество

Расте бројот на мигранти во Европа

Анализата на податоците на Euronews покажува дека Европа бележи најголем број бегалци од Украина, Сирија и Авганистан. Кога станува збор за Сиријците и Авганистанците, тие сè уште се најбројни баратели на азил во земји како Германија.
Бројот на бегалци и баратели на азил повторно се зголеми во Европа во текот на 2023 година. Зголемените миграциски текови се поттикнати од војните и кризите во другите делови на светот, покажуваат податоците на Агенцијата на ОН за бегалци.

Во меѓувреме, земјите од целиот континент дополнително ги заоструваат безбедносните мерки како одговор на зголемената загриженост за илегалната миграција.
Германската коалициска влада минатата недела одлучи да ги заостри безбедносните и азилантските политики, по смртоносниот напад со нож поврзан со екстремистичката група Исламска држава.
Потсетуваме, во нападот во Солинген за време на фестивалот по повод 650-годишнината од постоењето на градот загинаа три лица, а осум беа ранети. Настанот поттикна политички тензии околу политиката за азил и депортација.

Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) го претвори инцидентот во столб на својата кампања и минатата недела освои третина од гласовите во Тирингија и Саксонија, две покраини во источна Германија.
Последните податоци ја принудија Германија да ја промени политиката за азил и за првпат да депортира мигранти од Авганистан.

Официјалните податоци покажуваат дека бројот на авганистански бегалци кои бараат азил во Германија е зголемен откако Талибанците се вратија на власт во таа земја.

Во последниве години, најголем број бегалци во Европа доаѓаат од Украина, Сирија и Авганистан. Украина и Сирија се соочија со активни конфликти на нивна територија.
Руската инвазија на Украина која започна во 2022 година предизвика масовно раселување низ Европа. Податоците на УНХЦР покажуваат дека до крајот на минатата година во земјата се раселени 3,7 милиони луѓе, а 6,3 милиони бегалци и баратели на азил биле принудени да бараат заштита во странство. Речиси шест милиони бегалци отидоа во Европа.

Сиријците и Авганистанците сè уште се двете најголеми групи баратели на азил, како што беше случај во претходните години. Според податоците, до крајот на 2023 година поднеле 209.000 и 155.000 барања.

До крајот на минатата година, Германија прими огромен број барања за азил – 117.363 од Сиријци и 61.000 од Авганистанци.

Во меѓувреме, крајбрежните шенгенски земји, кои граничат со земји кои не се членки на ЕУ, беа главните влезни точки за бегалците и мигрантите. Ова е тренд кој продолжи од мигрантската криза во Европа во 2015 година.

Извештаите за нивното насилно отфрлање и други прекршувања на човековите права против граничната полиција и Агенцијата за гранична контрола на ЕУ Фронтекс предизвикаа значителни критики од невладините организации ширум Европа.

Сепак, некои земји од ЕУ ја зголемија својата будност, додека други размислуваат за префрлање на баратели на азил во трети земји.

Италија отиде најдалеку по ова прашање со потпишување на контроверзниот договор со Албанија, според кој индивидуалните баратели на азил ќе ја чекаат одлуката на Рим во оваа земја од Западен Балкан.

Поврзани објави

Нова рунда од „тријалогот“ за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан

EUinfo

Новогодишната елка поставена на централниот плоштад во Брисел

EUinfo

Објавени кандидатите за европската филмска награда ЛУКС

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info