EU Info
Општество

ЕУ ја одбележува Европската ноќ на истражувачите

На универзитети и научните институции во 25 земји ширум Европа денеска ќе биде одбележана Европската ноќ на истражувачите, како најголем настан на континентот за спознавање на истражувачката работата од страна на граѓаните преку забавни активности.

Како што соопшти Еврокомисијата, Европската ноќ на истражувачите обезбедува уникатно искуство за запознавање со истражувањата преку научно-популарни емисии, практични експерименти, игри и натпревари.

– Настанот ја прикажува различноста на европските истражувања и иновации, како и влијанието што тие може да го има врз секојдневниот живот на граѓаните. Јавноста може да открие проекти од зачувување на локалниот биодиверзитет, преку истражувања на нови лекови за рак, па се до спознавање на скриените тајни на фосилите за подобро разбирање на климата на Земјата. Со фрлање светлина на ова вредно дело, како и на страста и посветеноста на истражувачите зад него, младите добиваат единствена шанса да поставуваат прашања и да ги осознаат истражувачките кариери, се додава во соопштението.

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова оцени дека Европската ноќ на истражувачите претставува единствена можност граѓаните да се запознаат со водечките научници и да „погледнат зад сцената“ на универзитетите, истражувачките лаборатории или музеи.

– Се надевам дека овој настан ќе ги инспирира младите луѓе да продолжат со кариера во истражувањето и иновациите. Ни треба нивната креативност и иновација во Европа за да се справиме со сложените предизвици на денешницата и утрешнината. Токму вечерва го славиме овој дух на љубопитност и откритие, порача Иванова.

Како дел од проектот Европската ноќ на истражувачите ќе се организираат и активности насловени „Истражувачи во училиштата“, преку кои во текот на целата 2026 година повеќе од 300.000 ученици ќе може да се запознаат со истражувачките активности.

Европската ноќ на истражувачите и Истражувачи во училиштата се иницијативи финансирани преку инструментот „Активности Марија Склодовска-Кири“, кој е дел од програмата на ЕУ за истражување и иновации „Хоризонт Европа“.

Поврзани објави

Растот на платите во еврозоната забавува, работодавачите ги намалија додатоците

EUinfo

Продолжува растот на цените на храната во ЕУ

EUinfo

ЕК предлага речиси 120 милиони евра за земјоделците во ЕУ жртви на временски непогоди

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info