EU Info
Политика

ЕУ усвои нови мерки за олеснување на патувањата на лицата со посебни потреби

Советот на ЕУ усвои две нови директиви кои имаат за цел да им ги олеснат патувањата на лицата со посебни потреби низ територијата на Европската Унија.

Станува збор за директивите за воведување на европска картичка за инвалидитет и на европска паркинг картичка за лицата со посебни потреби.

Според Советот на ЕУ, овие картички ќе обезбедат пристап до посебни услови или повластен третман на лицата со посебни потреби при патување низ ЕУ, како што се ослободување од плаќање на влезни такси или нивна наплата по пониски цени, приоритетен пристап, помош, како и резервирани места за паркирање.

Со директивите се предвидува овие повластици да важат и за лицата со посебни потреби кои не се државјани на земја членка на ЕУ, но имаат легално регулиран престој во некоја од државите на Унијата.

Издавањето на овие картички, во физичка или дигитална форма, е во надлежност на властите на земјите членки на ЕУ.

Рокот во кој членките на Унијата треба да го усогласат националното законодавство со овие две директиви е две и пол години, а за примена на предвидените мерки е предвиден рок од три и пол години по нивното стапување во сила.

Иницијативата за воведување европска картичка за инвалидитет ја промовираше Европската комисија лани во септември, по што Советот на ЕУ и Европскиот парламент во февруари годинава ги усогласија ставовите околу текстот на содржината на Директивата за европска картичка за инвалидитет.

Еден месец по првата иницијатива, во октомври 2023 година, ЕК предложи воспоставување на европска паркинг картичка за лицата со посебни потреби, за што Советот и ЕП постигнаа согласност на 4 март 2024 година.

Поврзани објави

ЕК поднесе тужба против Бугарија поради неспроведување на Директивата за право на пристап до адвокат

EUinfo

Хукстра: Справувањето со климатските промени мора да сѐ испорача се што е на него

EUinfo

Полската влада ќе разговара за планот за укинување на правото на азил

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info