Данска ја продолжува контролата на границата со Германија за дополнителни шест месеци бидејќи терористичката закана против Данска останува сериозна, соопшти доцна вчера данското Министерство за правда.
Заканата потекнува од милитантните исламисти и е последица на конфликтот на Блискиот Исток, соопшти Министерството.
-Терористичката закана против Данска е сериозна. Ова ми покажува дека мора да продолжиме внимателно да размислуваме кому ќе дозволиме да ги премине границите на нашата земја, рече министерот за правда Питер Хумелгард.
Целта на продолжените гранични контроли е да се обезбеди дополнителна алатка за полицијата во борбата против тероризмот и прекуграничниот криминал.
Данска првично на почетокот на 2016 година, за време на бегалската криза, воведе гранични контроли и постојано ги продолжуваше од различни причини.
Контролите почнаа да се фокусираат на борбата против криминалот во април 2023 година, а полицајците беа распоредени повеќе во граничната област отколку исклучиво на самите гранични премини. Ова имаше значително позитивен ефект врз борбата против прекуграничниот криминал, според Министерството за правда во Копенхаген.