EU Info
Регион

Распишан конкурс за упис на Дипломатската програма на Колеџот на Европа за постдипломци од земјите кандидати за членство во ЕУ

Европската Унија распиша втор конкурс за упис на 15 постдипломци од земјите кандидати за членство во ЕУ, вклучително и од Северна Македонија, на Дипломатската програма на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж, што се очекува да трае во периодот од 31 август годинава до 31 јануари 2026 година.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за програма финансирана од Генералниот директорат на ЕУ за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ) и има за цел да ја поттикне соработката меѓу помладите дипломати и службеници од земјите опфатени со процесот на проширување со нивни колеги од блокот и да придонесе за зголемување на нивното знаење за прашања поврзани со Унијата.

Наставната програма вклучува и заеднички активности со Дипломатската академија на ЕУ, со поддршка на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Како што соопшти Европската комисија, конкурсот е пред се прилагоден за помлади дипломати и службеници кои работат во областа на надворешната политика и пристапувањето на нивните земји кон ЕУ.

Право за учество на конкурсот, кој трае до 16 јуни, покрај од земјава, имаат и кандидати од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.

Наставата ќе се одвива со физичко присуство во Бриж, а трошоците за образованието ги покрива Колеџот на Европа, со поддршка на ДГ ЕНЕСТ.

Се предвидува на конкурсот да бидат избрани меѓу еден и тројца кандидати од секоја од земјите кандидати за членство во ЕУ.

Избраните кандидати треба да се државјани на една од 10-те држави опфатени со процесот на проширување и да имаат најмногу до седум години работно искуство во националната дипломатска служба, во министерствата за надворешни работи или во други министерства или државни институции специјализирана за прашања поврзани со ЕУ. Предност ќе имаат службениците со статус на дипломати.

Покрај ова, апликантите треба да имаат завршено високо образование, течно да зборуваат говорен и пишан англиски јазик на ниво Ц1 и да имаат професионално искуство или познавања за прашањата поврзани со ЕУ и пристапувањето кон Унијата.

Тие ќе треба да достават и официјално писмо од нивниот работодавач, МНР или други министерства или државни институции, со кое се овластуваат за учество во петмесечната Дипломатска програма на Европската Унија.

Поврзани објави

Македонија и МВР домаќини на Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан

EUinfo

Дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан

EUinfo

ЕП отвора канцеларија за Западен Балкан во Албанија

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info