EU Info
Преговори

Кошта во Скопје: Нова средба, исти пораки

Средби со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова се во агендата на денешната посета на Скопје на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Македонската престолнина е претпоследната станица од неговата посета на земјите од Западен Балкан, во чии рамки претходно ги посети Белград, Сараево, Подгорица и Приштина, а ќе заврши во Тирана. Клучна тема е интеграцијата во ЕУ, а повеќе детали ќе се слушнат на денешната заедничка прес-конференција што ќе ја ќе одржат Кошта и Мицкоски.

Кошта од Приштина замина со пораката дека проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција и приоритет.

„Многу сме посветени на тоа. Ова е најважното геополитичко нешто што го правиме и тука сме да го исполниме и тука сме да работиме со секоја земја во процесот на пристапување“, изјави тој.

И за Македонија тоа е приоритетно прашање, но и натаму заглавено заради условите на Бугарија кои станаа дел од преговарачката рамка. Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање веќе кажа кои ставови ќе бидат презентирани пред Кошта.

Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени. Тука нема промена, затоа што од другата страна ние не гледаме, барем во овој момент, некаков сигнал дека има промена во однесувањето односно од страната на нашиот источен сосед. Јас жалам што е тоа така и се надевам дека во периодот којшто следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми“, рече Мицкоски.

Не постои збор „отстапка“
Забелешката на Мицкоски не е случајна. Кошта пред две седмици беше во посета на Бугарија, а бугарскиот претседател пред новинарите потврди дека интеграцијата на Македонија била една од главните теми на разговор. Румен Радев потенцираше дека во неговиот речник не постои зборот „отстапка“ кога станува збор за Македонија. Тој ја потсети јавноста дека Бугарија своевремено не го прифатила „португалскиот предлог“, туку „францускиот,“ кој го штити бугарскиот интерес.

„Не заборавајте дека кога Антонио Кошта беше премиер на Португалија и кога таа претседаваше со Советот на ЕУ, тој имаше неколку средби со мене и мноштво телефонски разговори, со цел ние навистина да направиме нешто за да се даде зелено светло на Република Северна Македонија. Тоа не се случи. Тогаш јас ја претставував Бугарија во Советот на ЕУ, додека не постигнавме решение за време на француското претседателство, но со една реалистична преговарачка рамка која го заштитува бугарскиот интерес, а дава перспектива на Република Северна Македонија“, изјави Радев.

Притоа нагласи дека со Кошта не зборувал за отстапки.

„Ние воопшто не зборуваме за отстапки. Таков збор во мојот речник кон Република Северна Македонија – не постои! Јас целосно го разбирам претседателот на Европскиот совет, бидејќи тој сака интеграцијата на Западен Балкан да се забрза, особено во услови на геополитички превирања. Но, од друга страна, она што тој го добива од мене како многу јасен став, е дека овој процес на интеграција мора да биде одржлив и неповратен. Да се базира на почитување на основните демократски принципи на ЕУ и на Копенхашките критериуми за членство. Република Северна Македонија има јасни обврски опишани во преговарачката рамка и протоколите кон неа. Тие едноставно мора да се исполнат“, порача Радев.

Самит на ЕЕЗ во Тирана
По посетата на Скопје, Кошта и Мицкоски попладне ќе заминат за Албанија, каде утре ќе присуствуваат на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Тирана.

Претходно, Кошта ќе има средби со албанскиот претседател и премиер, а ќе биде домаќин на вечера за лидерите на земјите од Западен Балкан. Тема на утрешниот самит на ЕЕЗ е „Нова Европа во новиот свет: Единство, соработка, заедничко дејствување“, во чии рамки ќе се одржат и неколку тркалезни маси.

Креативно толкување на Преговарачката рамка
И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ќе оствари средба со претседателот на Европскиот совет и се очекува на средбата да ги изнесе ставовите кои и досега ги истакнуваше по прашањето за деблокада на интегративниот процес на земјата. Нив претседателката ги посочила и на вчерашната средба со Карен Пирс, специјална пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Според македонската претседателка, оценувањето на напредокот треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на Копенхашките критериуми.

„Претседателката укажа на деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето. Информираше за заситеноста и заморот на македонските граѓани од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. За неа, спротивно на европските темелни вредности и принципи, е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани. Можно надминување на блокадата, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.

Специјалната пратеничка Карен Пирс изразила разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада. Таа и Сиљановска од претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Лондон очекуваат важни придобивки за регионот.

Поврзани објави

На Предлог-извештајот на Вајц за Македонија поднесени 313 амандмани – најмногу од „милите комшии“ Бугарија и Грција

EUinfo

Шолц најави забрзување на процесот за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ

EUinfo

Претседателката за ЕУ: Дали досегашните отстапки доведоа до исчекор или нема крај?

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info