Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ и на потребните трансформативни промени што се потребни за исполнување на критериумите за пристапување, ја пофалува посветеноста на земјата на европската интеграција и ги охрабрува континуираните напори за унапредување на реформите усогласени со ЕУ и покрај предизвиците и неуспесите што го тестираа трпението и довербата на македонското општество, се наведува во Предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц по извештаите на Европската комисија за земјава за 2023 и 2024 година, за кој денеска ќе дебатираат членовите на ЕП во рамки на овонеделната сесија во Стразбур.
Во документот се посочува дека земјава има статус на кандидат за членство ЕУ од 2005 година, дека успешно го заврши скрининг процесот во декември 2023 година и дека аспирациите на граѓаните за приклучување кон Унијата доведоа до напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, но сепак процесот на пристапување и натаму за жал се соочува со одложувања од различни причини.
– (ЕП) подвлекува дека пристапувањето кон ЕУ останува прашање на политичка волја во исполнувањето на критериумите и спроведувањето на преземените обврски, во однос на имплементирањето на потребните реформи и усвојувањето на уставните амандмани, се вели во Предлог-извештајот, при што се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ.
Во документот се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.
Во точката К од документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.
На овој член 3 е поднесен заеднички амандман предложен од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кој се предлага бришење на делот од текстот: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.
Во продолжение на членот 3 се додава дека ЕП ги охрабрува сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за уставните амандмани, што „би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзал нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, при што се нагласува дека зајакнувањето на врските меѓу различните етнички заедници е „од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија и обезбедување поефикасно управување“ и се повикуваат земјите членки, Советот и Комисијата да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување, со цел да се одржи големата поддршка за пристапување во земјите од опфатени со процесот на проширување. Во точката Л од предлог извештајот се потсетува дека „ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“, но со заеднички амандман предложен од Халицки, Ван Бремпт и Барна во име на нивните групи се предлага целосно бришење на оваа точка.