Данската амбасадорка Перниле Деирел Кардел во обраќањето пред македонските пратеници само го призна тоа што пред неколку месеци ни го обелодени шефот на унгарската дипломатија Петер Сјарто дека дел од европските авторитети додека во Скопје ни зборуваат за прозорец на можности, во Брисел се против проширување на Европската Унија.
Кардел призна дека имало замор од проширувањето и во нејзината земја, но дека сега од безбедносни причини го смениле ставот и се отворил прозорец на можности, што треба да го искористи и Македонија.
Но, исто така призна дека првпат откако претседаваат со ЕУ не знаат што ќе донесат во наредните 6 месеци.
Е, токму тоа е тој фамозен прозорец на можности, но со затворени кепенци се додека на ниво на политичка одлука, ЕУ не ги внесе, па ако треба и со сила сите кандидати за членство.
Хронологијата на фамозниот „прозорец“ датира одамна. По распадот на СФРЈ, комисијата на Бадентер оцени дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за независни држави, но „кепенецот“ ни го затвори Лисабонската декларација со која земјава не смееше во името да ја содржи вековната именка Македонија.
Втор пат Македонија излезе од СФРЈ без испукан куршум, а притоа прими над 300.000 косовски бегалци. И тогаш имавме прозорец на можности, но само додека помогнеме да се оствари стратегијата на западот.
Трет пат за завршување на конфликтот во 2001-ва Охридскиот договор беше новиот прозорец на можности, па дури потпишавме и договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Но, и од тоа не се офајдивме.
Кога во 2005-та станавме кандидат за членство логично беше „прозорецот“ да води кон отворање на преговорите, но грчкиот „кепенец“ остана затворен до преспанскиот договор и промена на уставното име.
Клучниот прозорец на можности кој ветуваше членство и во НАТО и во ЕУ, беше токму тој, Преспанскиот договор! Алијансата стана реалност, благодарејќи пред се на САД, но ЕУ и денес се уште зборува за прозорец на можности.
Се редеа „прозорци“ и од Бугарија со Договорот за добрососедство и од Макрон, и од Меркел, и од сите авторитети на ЕУ, но кепенците останаа затворени за нас.
Зошто сега да веруваме во последниот прозорец на можности од данското претседателство, кога и самиот Копенхаген не знае што ќе се случува?
Зошто да веруваме на слаткоречивите ветувања од бугарскиот претседател Радев дека Софија нема да има други барања, кога од нивната влада и нивните перјаници-пратеници во Европскиот парламент видовме, море цела Европа виде отворен напад на македонскиот идентитет и јазик. Ирационално, недемократско, па и гнасно негирање на основното човеково право, во 21-от век.
Зошто, ако се искрени, токму Радев и Европскиот Совет не застанат, заедно со македонската влада зад резолуција на Европскиот парламент со која ќе го потврдат и гарантираат македонскиот јазик и идентитет.
– Дека копенхашките критериуми и патоказот ќе бидат единствените мерила за членство.
– Дека неколкумина бугарски историчаи нема да бидат тие кои ќе одлучуваат за прогресот.
– Дека Софија ќе ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур во корист на Мaкедонците во Бугарија.
– Дека и тие 1.654 Македонци во Бугарија, колку што официјално се регистрирани на последниот попис (иако е нејасно каде исчензаа останатите илјадници) ќе ги имаат малцинските права како и сите други.
Тогаш ќе има и и ферман зад кој ќе застанат сите, а официјална Софија нема да може да го лаже целиот свет за своите хегемонистички и асимилаторски намери. Тогаш и Бугарите ќе ги гушнеме и ќе влезат во преамбулата на уставот со сите други. Тогаш ќе стане „новото нормално“, ќе има и соработка и бизнис и заедничко градење инфраструктура. Тогаш ќе ја изучуваме и СПОДЕЛЕНАТА историја, но по научен, а не по бугарски терк.
Да, ако се искрени. Но не се!
Дотогаш јасно е дека ќе ни нудат прозорец на можности, но со затворени кепенци.
ПС
Крајно време е да заврши оваа ,,вербална политичка проституција‘‘ – време е да бидеме искрени и добронамерни.