EU Info
Политика

Европската централна банка ги задржа каматните стапки првпат по една година

Европската централна банка (ЕЦБ) ги потврди важечките каматни стапки во еврозоната, означувајќи пауза во намалувањето на трошоците за задолжување, со предупредување дека нарушувањата во светските синџири на снабдување би можеле да ги ограничат производните капацитети на компаниите и да ја поттикнат инфлацијата.

Каматната стапка за рефинансирање на банките и понатаму ќе изнесува 2,15 проценти, а каматната стапка на прекуноќните депозити на банките 2,0 проценти. За прекуноќни заеми, комерцијалните банки и во иднина ќе плаќаат камата од 2,4 проценти, се наведува во соопштението на ЕЦБ.

Банката направи пауза во намалувањето на трошоците за финансирање, првпат по речиси точно една година, кога исто така ги задржаа каматните стапки на важечкото ниво.

Инфлацијата во еврозоната благо зајакна во јуни, на два проценти, што сигнализира стабилен раст на цените, според дефиницијата на ЕЦБ. Храната и услугите значително поскапеа, со благо опаѓање на цените на енергијата, утврди европскиот завод за статистика.

Притисоците врз цените дополнително ослабнаа, заклучи Управниот одбор на ЕЦБ, истакнувајќи го и поблагиот раст на платите.

Инфлацијата би требало да изнесува во просек два проценти и во целата 2025 година, прогнозираше ЕЦБ во јуни.

Економијата во зоната на примена на заедничката европска валута досега покажа дека е отпорна на „предизвикувачката глобална средина“, заклучија тие, предупредувајќи сепак на континуирана „исклучителна неизвесност“, првенствено поради трговските спорови.

Растот на економската активност ги надмина очекувањата во првиот квартал, делумно и затоа што компаниите ги забрзаа испораките во очекување на повисоки царини, но и затоа што зајакна потрошувачката на домаќинствата.

И компаниите повеќе инвестираа на почетокот на годината, но сега се двоумат поради зголемените царини и очекувањата дека ќе бидат зголемени, стои во соопштението од седницата на ЕЦБ.

Инвестициите ги попречуваат и посилното евро и геополитичката неизвесност, се додава.

Поблагите услови за финансирање ја поддржуваат домашната побарувачка, вклучувајќи го и пазарот на недвижности, а економскиот раст со текот на времето би требало да го поттикнат и зајакнатите државни инвестиции во одбраната и инфраструктурата.

Клучно е итно да се зајакне еврозоната и економијата во актуелната геополитичка средина, се нагласува и се порачува дека владите треба да поддржат мерки кои ја зајакнуваат продуктивноста, конкурентноста и отпорноста.

Изгледите за инфлација во моментов носат повеќе неизвесност отколку што е вообичаено, поради честите осцилации во трговската политика низ светот.

Инфлацијата така би можела да биде послаба од она што моментално се очекува доколку еврото и понатаму зајакнува и доколку повисоките царини ја закочат побарувачката за извоз од еврозоната и ги пренасочат испораките од земјите со вишок капацитети во зоната на примена на заедничката европска валута.

Растот на цените би можел и да забрза доколку фрагментацијата на светските синџири на снабдување ги зголеми цените на увозот и ги ограничи производните капацитети во еврозоната, предупредија, издвојувајќи меѓу факторите кои би можеле на среден рок да ја поттикнат инфлацијата и значително поголемата потрошувачка за одбрана и инфраструктура.

Управниот совет повтори дека и понатаму внимателно ќе ги следи податоците и ќе ја утврдува „соодветната“ висина на каматните стапки од „седница до седница“, особено во актуелните услови на сè поизразена неизвесност.

Повторно нагласија и дека однапред нема да се обврзат на одреден правец на монетарната политика.

Поврзани објави

Европската комисија не дала доволно информации за зделките со набавката на вакцини против Ковид-19

EUinfo

Шолц по распадот на владината коалиција: Бундестагот на 15 јануари ќе гласа за доверба на владата

EUinfo

Одложено потврдувањето на номинациите на кандидатите за потпретседатели на ЕК

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info