EU Info
Политика

ГАК: Владеењето на правото останува фундаментален услов за членство во ЕУ

Владеењето на правото има централна улога во процесот на проширување како фундаментален услов за членство во Европската Унија, се наведува во соопштението од денешниот состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), на кој една од точките беа и извештаите на Европската комисија за владеење на правото во дел од кандидатите за членство за 2025 година.

– Во сегашната геополитичка ситуација, проширувањето на ЕУ е врвен приоритет. Владеењето на правото останува фундаментален услов за членство во ЕУ, како дел од Копенхашките критериуми што сите нови членки мора да ги исполнат, порача данската министерка за европски прашања Мари Бјере, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Бјере посочи дека дискусијата на денешниот Совет со Албанија, Северна Македонија, Србија и Црна Гора е показател за важноста од вклучување на земјите кандидати за членство во дијалогот за владеењето на правото во ЕУ.

– Тоа повторно покажува дека ЕУ многу сериозно ги сфаќа прашањата за владеењето на правото. Владеењето на правото не е само услов во процесот на пристапување. Тоа е фундаментална и дефинирачка вредност, кога сте членка на ЕУ, заклучи Бјере.

Во соопштението се наведува дека годинава, втора година по ред, министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ разменија мислење со своите колеги од четирите посочени држави кандидатки за целокупниот тренд на состојбата со владеењето на правото.

– Вклучувањето на земјите кандидати во Извештајот за владеење на правото (на ЕУ) има за цел да ги стави на рамноправна основа со државите членки и да обезбеди дополнителна платформа за поддршка на нивните реформски напори и процесот на пристапување, се вели во соопштението.

Во овој контекст, се додава, министрите одржаа широка размена на мислења за прашања поврзани со владеењето на правото со овие земји кандидати.

– Дискусијата се фокусираше на општите трендови во четирите области поврзани со владеењето на правото и по дебатата не беа издадени формални заклучоци. Дискусиите за владеењето на правото во поединечните земји кандидати ќе продолжат да се одвиваат во рамките на процесот на проширување, се наведува во соопштението.

Инаку, покрај за состојбите во четирите земји кандидати, на состанокот на ГАК се разговараше и за состојбата во оваа сфера и во членките на Унијата, за подготовките на октомврискиот Самит на ЕУ, за програмата за законодавни регулативи на ЕК, за предлогот на Комисијата за демократскиот штит за зголемување на отпорноста на граѓанското општество кон манипулациите со информации, за нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руски дронови на 10 септември, како и за препораката за постепена трансформација на украинските беглаци од привремена заштита во други статуси за престој.

Поврзани објави

Евростат: Во мај еврозоната забележа суфицит од 13,9 милијарди евра во стоковната трговија

EUinfo

Европските лидери расправаат за изборот на носителите на врвните функции во ЕУ

EUinfo

Прашањето за „ново мнозинство“ во ЕП еднa од главните предизборни теми во ЕУ

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info