EU Info
Политика

Македонија очекува историски висока исплата на пари од планот за раст

За Реформската агенда ни е потребен политички дијалог заснован на аргументи, институции и заемна почит, а не на дневнополитички конфронтации што ја поткопуваат довербата во процесот - истакна Муцунски на прес-конференција во Владата.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја повика опозицијата да има одговорен пристап за реформската агенда, да придонесе во европската иднина и да ја тргне настрана дневната политика. Соопшти дека во следниот период се очекува „историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст“.

– Европската интеграција не може да биде успешна без сериозност, без одговорност и без минимум национален консензус околу најважните државни прашања. Ова не е процес на една влада и на една политичка партија, ова е процес што ја определува иднината на државата. За Реформската агенда ни е потребен политички дијалог заснован на аргументи, институции и заемна почит, а не на дневнополитички конфронтации што ја поткопуваат довербата во процесот – истакна Муцунски на прес-конференција во Владата.

Како што рече, реформската агенда не е само парола туку подразбира функционални институции, владеење на правото, незвисно правосудство, држава што работи по европски стандарди, но подразбира и чувство на одговорност кон државата.

– Затоа денес сакаме јасно да упатиме повик до опозицијата – да ја тргне дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планост за раст. Пред се, Изборниот законик и правосудните реформи. Токму тука денес е потребна политичка зрелост. Не декларативна поддршка за Европа на прес-конференции туку конкретна поддршка таму каде што навистина се носат одлуките – во институциите и во Собранието. Ова не се само обични законски измени, туку реформи што директно влијаат врз кредибилитетот на државата, врз владеењето на правото и врз способноста да продолжиме да ги користиме можностите што ги отвораат фондовите на ЕУ – апелира Муцунски.

Тој нагласи дека секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси не е удар врз владата туку врз европската перспектива на државата и врз интересите на македонските граѓани.

Министерот посочи дека земјата во овој период добива сериозна поддршка и доверба од Европската Унија и затоа сите чинители имаат обврска да покажат одговорност и да придонесат кон реформите, наместо да создаваат нови политички блокади.

– Остануваме силно посветени на реформите затоа што тие не се важни само за Брисел, туку, пред сѐ, за македонските граѓани и за подобри институции и економија – додаде шефот на дипломатијата.

Укажа дека Реформската агенда е директно поврзана со Планот за раст на ЕУ, механизам кој отвора сериозни можности за инвестиции, инфраструктура и економски развој.

– Сакам да ја информирам јавноста дека во следниот период очекуваме историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст. Тоа е јасен сигнал дека европските институции го препознаваат нашиот реформски капацитет, сериозниот пристап и институционалната подготвеност. Но, истовремено, тоа е и момент кога политичките чинители треба да покажат одговорност и зрелост. Бидејќи европската иднина не се гради на празни прес-конференции и со дневнополитички поени. Се гради со работа и со реформи и со чувство на одговорност кон државата и кон генерациите што доаѓаат – порача Муцунски.

Поврзани објави

Мишел: Важно е ЕУ да демонстрира единство во одбраната на своите принципи и вредности

EUinfo

Советот на ЕУ ги усогласи препораките за земјите членки за следните пет години

EUinfo

Германската влада ги закажа следните парламентарни избори за 28 септември 2025 година

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info