Европската комисија денеска предложи нови правила што треба значително да ги олеснат прекуграничните патувања низ Европа, особено патувањата со воз.
Европската комисија објави три предлози со кои се поедноставуваат планирањето и резервирањето регионални, меѓуградски и прекугранични патувања, особено железничките патувања што вклучуваат повеќе превозници, а истовремено се обезбедува подобра заштита на патниците во текот на целото патување.
– Европејците со еден клик ќе можат да планираат, споредуваат и купуваат билети за повеќе видови превоз – изјави еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас.
Во моментов, споредбата на сите достапни можности за патување и идентификувањето на најодржливите опции, особено за прекугранични патувања, и натаму е тешка за патниците во ЕУ, особено кога станува збор за железнички билети. Многу патници се соочуваат со пречки при комбинирање различни транспортни услуги. Резервациите за повеќекратни железнички патувања што вклучуваат билети од различни компании често се многу комплицирани, главно поради фрагментираните системи за резервација и силното пазарно присуство на одредени железнички компании.
– Пронаоѓањето на најдобрата рута може да биде тешко, споредувањето на цените е фрустрирачко. Резервирањето прекугранични патувања е премногу комплицирано, а правата на патниците во случај на пропуштена врска се нејасни. Накратко, Европа во повеќето случаи има многу добра железничка инфраструктура, но сè уште немаме навистина беспрекорно искуство за патниците – рече Цицикостас.
Комисијата предлага мерки за воспоставување систем за купување единствени билети за патувања со повеќе железнички превозници според принципот „едно патување, еден билет“. Патниците ќе можат да пронаоѓаат, споредуваат и купуваат услуги од повеќе превозници со еден билет и една трансакција, а тоа ќе можат да го прават на платформата по свој избор.
Во случај на проблеми со патувањата опфатени со еден билет, на пример ако пропуштат некоја врска, Комисијата предвидува и подобрена заштита на потрошувачите, преку обезбедување алтернативни решенија или исплата на надомест или поврат на средства. За конечниот изглед на трите регулативи ќе одлучуваат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
За да се овозможи едноставен систем за резервација и продажба на билети, земјите членки ќе мора да ја забрзаат примената на правилата од Директивата за интелигентни транспортни системи за споделување податоци за мултимодален транспорт.
