Поранешниот министер за надворешни работи на Турција и шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Мевлут Чавушоглу, порача дека Европската Унија треба да биде поотворена и поискрена кон земјите кандидати за членство, нагласувајќи дека процесот на проширување мора да се темели на исполнети услови, без дополнителни политички барања.
Тој ова го истакна на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“, што се одржува во Скопје, каде учествуваат поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од Европа и Азија.
– ЕУ треба да биде отворена и искрена со земјите кандидати и да ги отвори вратите ако ги исполниле сите услови – изјави Чавушоглу.
Во своето обраќање, тој се осврна и на процесот на евроинтеграции на Северна Македонија.
– Од Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ – порача Чавушоглу.
Тој оцени дека ваквите дополнителни условувања надвор од преговарачките поглавја се „нефер и сурови“ кон државата и граѓаните.
Чавушоглу истакна дека Турција е за соработка и против нови поделби на Балканот, како и дека останува поддржувач на регионалната стабилност.
– Турција е за соработка и против создавање нови поделби на Балканот. Турција е подготвена да ги поддржи сите напори за мир, безбедност и економска соработка во регионот – рече тој, додавајќи дека евроинтеграцијата на регионот во иднина ќе се забрза.
Тој зборуваше и за улогата на НАТО и потребата од поширока европска ангажираност.
– Присуството на НАТО ќе продолжи да биде клучно за мирот и стабилноста во регионот, но не треба сè да се очекува само од САД, туку и европските сојузници треба да бидат поактивни – нагласи Чавушоглу.
Во однос на економските перспективи, тој порача дека Балканот има голем неискористен потенцијал и може да игра значајна улога во глобалните трговски текови.
– Географски Балканот е мост меѓу Западот и Истокот и економскиот потенцијал е особено важен за развојот на поширока Европа – изјави тој, додавајќи дека коридорот „Појас и пат“ ќе станува сè поважен.
Чавушоглу се осврна и на проширувањето на ЕУ, истакнувајќи дека процесот мора да биде фер.
– Верувам дека Црна Гора ги исполнува сите услови и верувам дека ЕУ земјите треба да одговорат зошто тоа не е така – рече тој.
На крајот, Чавушоглу изрази надеж за европската иднина на регионот.
– Евроинтеграциите на Балканот се клучни и се надевам дека Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ во блиска иднина – изјави тој.
На Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што денеска и утре се одржува во Скопје, учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија 2009–2019, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).
