EU Info
Регион

Во Тирана се одржува Самит на Берлински процес

Во Тирана денеска ќе се одржи Самитот на Берлинскиот процес, првпат да се организира во земја која не е членка на Европска Унија.

Теми на работните сесии ќе бидат интеграцијата на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ и зелената и дигиталната транзиција, а на агендата на работниот ручек ќе бидат добрососедските односи и билатералните прашања.

Се очекува ситуацијата во северно Косово по конфликтот во Бањска да биде меѓу главните теми на разговор меѓу лидерите на ЕУ и Западен Балкан.

Во пресрет на самитот во Тирана видливо е зголеменото присуство на припадниците на безбедносните сили, а вчера и денеска некои од главните патишта ќе бидат затворени за сообраќај. За безбедноста се ангажирани над 1.600 полициски службеници и 400 гардисти.

Албанските медиуми објавија дека претседателот на Франција, Емануел Макрон нема да присуствува поради терористичкиот напад во Арас. Но, Макрон денеска попладне ќе пристигне во Тирана, бидејќи утре е во посета на земјата и ќе има билатерални средби со високи функционери. Првпат претседател на Франција е во посета на Албанија.

Франција на Самитот ќе ја претставува француски државен секретар за европски прашања, Лоренс Бун.

Најавено е дека во рамките на Самитот ќе биде потпишан договор за признавање на професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.

На крајот од Самитот предвидени се изјави на премиерот на Албанија Еди Рама, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци инициран од германската влада на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој Самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познан во 2019 година, Софија во 2020 година и Берлин во 2022 година.

Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа за одржлив развој на регионот.

На претходниот Самит во Берлин беа потпишани три договори за мобилност во рамки на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионални квалификации на доктори по медицина, стоматолози и архитекти.

Поврзани објави

Каја Калас доаѓа во прва официјална посета на Балканот, Скопје не е на списокот

EUinfo

Распишан конкурс за упис на Дипломатската програма на Колеџот на Европа за постдипломци од земјите кандидати за членство во ЕУ

EUinfo

Нова рунда од „тријалогот“ за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info