EU Info
Општество

Над сто компании го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ

Повеќе од сто компании досега го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ, со што доброволно се обврзуваат да ги почитуваат неговите одредби пред стартот на нивната законска примена, соопшти денеска Европската комисија.

Меѓу потписниците се мултинационални корпорации и европски мали и средни претпријатија од различни сектори, вклучително и ИТ, телекомуникациите, здравството, банкарството, автомобилската индустрија и аеронаутиката.

– Пактот ги поддржува доброволните заложби на индустријата да започне со примена на принципите на Законот за вештачка интелигенција пред нивното влегување во сила и го подобрува ангажманот помеѓу Канцеларијата за вештачка интелигенција на ЕУ и сите релевантни чинители, вклучително индустријата, граѓанското општество и академската заедница, се наведува во соопштението.

Со потпишувањето на Пактот, потписниците се обврзуваат дека ќе се посветат на изработка на стратегија за управување со вештачката интелигенција, на мапирање на високоризичните системи за вештачка интелигенција и на промоција на писменоста и свеста за вештачката интелигенција меѓу нивниот персонал.

– Покрај овие основни заложби, повеќе од половина од потписниците се обврзаа на дополнителни ветувања, вклучително и на обезбедување човечки надзор, ублажување на ризиците и транспарентно означување на содржините генерирана од вештачка интелигенција, се додава во соопштението.

ЕК воедно упатува повик до останатите компаниите да се приклучат на Пактот за вештачка интелигенција и да се посветат на основните и дополнителните обврски во периодот до стапувањето во сила на сите одредби од Законот за вештачка интелигенција.

Законот за вештачка интелигенција на ЕУ официјално стапи во сила на 1 август 2024 година, но за старт на примената на некои негови одредби се оставени периоди на прилагодување. Така, предвидено е Законот да стане целосно оперативен две години по неговото стапување во сила, со тоа што има и некои исклучоци, како забраните, кои ќе почнат да се применуваат во рок од шест месеци, потоа правилата за управување и обврските за моделите за вештачка интелигенција за општа намена, кои стануваат применливи по 12 месеци, како и правилата за системите на вештачка интелигенција вградени во некои производи, што ќе почнат да се применуваат по 36 месеци.

Поврзани објави

Значително намален бројот на илегални преминувања на надворешните граници на ЕУ, особено на Западен Балкан

EUinfo

Во иднина сите електронски уреди во ЕУ ќе бидат со УСБ-Ц приклучоци за полначи

EUinfo

ЕУ усвои Закон за подобра заштита на производите со географско потекло

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...

EU Info