Словенечкиот премиер Јанез Јанша порача дека проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан е од стратешко значење за иднината на Европа и дека Брисел мора да ги исполни ветувањата дадени на земјите-кандидатки.
Говорејќи на отворањето на XXI Стратешки форум во Блед, Јанша нагласи дека проширувањето не треба да се гледа како услуга кон земјите кои сакаат да станат членки, туку како стратешка одлука за иднината и безбедноста на континентот.
„Проширувањето не е услуга кон земјите-кандидатки. Тоа е стратешка одлука за иднината и идниот облик на нашиот континент“, порача Јанша.
Тој предупреди дека доколку Европската Унија не го продолжи процесот на проширување, вакуумот би можеле да го пополнат други сили.
„Ако Европската Унија не се прошири, некој друг ќе го стори тоа, на наша сметка“, рече словенечкиот премиер.
Според Јанша, значењето на проширувањето кон Западен Балкан и источното соседство денес е поголемо од кога било, но процесот мора да се темели не само на обврските на земјите-кандидатки, туку и на кредибилитетот на самата ЕУ.
Зборувајќи за иднината на Европа, Јанша ги издвои безбедноста, отпорноста, демографијата и кредибилитетот како четири клучни стратешки предизвици.
Во однос на безбедноста, тој порача дека мирот не треба да се зема здраво за готово и дека мора активно да се заштитува. Говорејќи за војната во Украина, оцени дека Украинците не ја бранат само својата територија, туку и принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила.
Јанша нагласи и дека Европа мора да ги намали стратешките зависности, особено во енергетиката, критичните минерали, полупроводниците и стратешките синџири на снабдување.
Како сериозен предизвик ја посочи и демографијата, односно ниската стапка на наталитет и стареењето на европското население.
„Демографијата не е само прашање на бројки. Покажува дали младите луѓе имаат доверба во иднината, дали можат да си дозволат дом, да изградат кариера, да воспостават врски и да основаат семејство“, рече Јанша.
Тој оцени дека нелегалната миграција не може да биде замена за демографска политика и се заложи за безбедни граници и легална, селективна миграција усогласена со економските потреби.
Јанша го посочи и кредибилитетот како важен фактор за меѓународното влијание на Европа, нагласувајќи дека ветувањата мора да бидат исполнети.
На форумот зборуваше и словенечкиот министер за надворешни работи Тоне Кајзер, кој оцени дека Европската Унија минува низ сериозен тест и дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана.
Овогодишниот Бледски стратешки форум се одржува под мотото „Моќта на заедничкото обликување на иднината“, а меѓу главните теми се европската безбедност, иднината на ЕУ, Западен Балкан, војната во Украина и глобалните геополитички промени.
