EU Info
Политика

ЕУ подготвува голема реформа пред новото проширување

Европската Унија разгледува значајни промени во начинот на кој ќе функционира по евентуалното примање нови членки, вклучително и ограничување на правото на вето и можност за финансиски санкции доколку новите членки сериозно назадуваат во владеењето на правото.

Според нацрт-предлогот за реформа на процесот на проширување, во кој увид имал берлинскиот портал „Тејбл.медиа“, новата членка би можела привремено да се откаже од правото на вето на одлуките што се носат со консензус. Таквиот аранжман би можел да биде уреден со декларација што би го придружувала договорот за членство.

Предлогот предвидува и дополнителни заштитни механизми за земјите што по членството покажуваат сериозно назадување. Во такви случаи, Европската Унија би можела привремено да им ги намали финансиските средства.

Тоа би се применувало доколку постојат „недвосмислени показатели или сериозен ризик“ од недостатоци во владеењето на правото, прекршување на заедничките вредности на ЕУ, несоодветно управување со европските средства или загрозување на финансиските интереси на Унијата.

Во нацртот е предвидена и можност Европската комисија да предложи привремено суспендирање на учеството на новата членка во одлучувањето во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно одземање на правото на глас.

Документот го подготвила еврокомесарката за проширување Марта Кос, која планира нацртот, насловен „Анализа на политиките пред проширувањето“, да го претстави на 30 септември. Во него се наведува дека поголема Европска Унија ќе има потреба од побрзо и поефикасно донесување одлуки.

Како дел од предложените промени се наведува можноста, секогаш кога тоа е можно, одлуките да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус. Како еден од наједноставните начини за тоа се посочуваат таканаречените „премостувачки“ или пасарела-клаузули, кои овозможуваат пофлексибилно одлучување без промена на Договорот за функционирање на ЕУ.

Ова би било особено значајно во областите каде што сега се бара едногласност, како надворешната и безбедносната политика и одредени финансиски прашања. Според нацртот, со тоа би се зајакнала способноста на ЕУ да одговори на стратешките предизвици, вклучително и санкциите, човековите права, заедничката безбедност и одбраната.

Сепак, предвидена е и можност некоја земја членка спорното прашање да го упати до Европскиот совет. Во документот се споменува и механизмот од Јанина, со кој се утврдува колкав дел од населението и колкав број земји членки се потребни за блокирање на одредена одлука.

Европската комисија предлага промени и во своето функционирање. Еден од предлозите е бројот на еврокомесарите да се намали на две третини од бројот на земјите членки, што би значело дека секоја држава повеќе не би имала свој член во Комисијата.

Европскиот совет би требало да воспостави систем на ротација кој би ги земал предвид демографската и географската разновидност на Унијата. Во однос на Европскиот парламент, кој сега има 720 пратеници, Марта Кос смета дека има простор за зголемување на бројот, но оценува дека и тој капацитет има свои граници.

Според „Тејбл.медиа“, Европската комисија првично планирала реформскиот предлог да го претстави уште пред една година, но процесот доцни поради „деликатното балансирање меѓу загриженоста на сегашните земји членки и чувствителноста на потенцијалните идни членки“.

Се очекува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во говорот за состојбата на Унијата на 16 септември да се осврне и на прашањето како ЕУ треба да се подготви за прием на нови членки, 13 години по последното проширување.

Проширувањето ќе биде тема и на октомврискиот самит на ЕУ, кога се очекуваат и извештаите за напредокот на земјите кандидатки на европскиот пат. објави Скопје1.мк

Поврзани објави

ЕП: ЕУ мора да изврши институционални реформи за да се подготви за прием на нови членки

EUinfo

ЕУ нема да ги исполни целите за намалување на загадувањето до 2030 година

EUinfo

Тежок пораз на Макрон на европските избори, Ле Пен ја запечати победата

EUinfo

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Доколку сакате да дознаете повеќе за користењето и употребата на вашите лични податоци кликнете на следниот линк. Во ред Повеќе ...